ИНФОРМАЦИИ ЗА ДИПЛОМСКИТЕ РАБОТИ ПО ПРЕДМЕТИТЕ МАТЕМАТИЧКА ГЕОГРАФИЈА И ЕРОЗИЈА НА ПОЧВАТА

Поради интересот за дипломски работи од предметите Математичка географија и Ерозија на почвата, од 21.03.2011 година е дадена можност за изработка на дипломски работи и по овие предмети. Темите од областа на Математичка географија се доста интересни за наставната насока, посебно од општообразовен и методички аспект, бидејќи вакви содржини се презентираат на учениците во основните училишта при нивното запознавање со предметот Географија. Темите пак од областа на Ерозија на почвата се многу практични за подрачјето на Република Македонија, инженерски насочени и можат да бидат доста корисни за одредени идни апликативни потреби, работни или проектни задачи, како и за понатамошна постдипломска едукација и усовршување.  

1. Темата за дипломска работа по наведените предмети се избира и одредува во консултација со предметниот наставник (ментор), на предлог на студентот или наставникот (по желба). Предлогот на студентот може да се прифати, или доколку се процени дека предложената од студентот не е соодветна за дипломска работа, со взаемни консултации да се модифицира или да се понуди поинаква тема.

2. Во текот на еден семестар може да се доделат најмногу 3 теми по предметот Математичка географија и исто толку по предметот Ерозија на почвата. Доколку студентот од разни причини сака да ја промени темата или предметот на дипломската работа, за тоа мора претходно да го извести предметниот наставник. Студентот може да земе тема за дипломска работа откако ќе ги положи сите испити до 6-тиот семестар.  

3. Темата за дипломска работа по предметот Математичка географија може да е поврзана со некоја од следните содржини:

- Истражувања на Вселената и местото на Земјата како планета во неа. Нови сознанија за Сонцето, соседните планети (особено Марс и Венера), месечини и нивно влијание врз Земјата. Влијанието на Сонцето и Месечината врз појавите на Земјата (топлинско, светлинско, гравитациско); затемнување на Сонцето и Месечината, особено ако се случуваат-набљудуваат во Република Македонија или или во поблиското соседство. Промена на Сончевата активност, процесите на површината и во внатрешноста на Сонцето, детектирање на тие промени на Земјата и нивно влијание врз разни појави. Кометски, метеорски, метеоритски и други појави кои се набљудувани од Република Македонија или поблиската околина и нивно значење за Земјата.

- Вештачки објекти во Земјината орбита-станици, сателити, нивно значење и функција. Меѓународна вселенска станица; Сателитски мисии Ландсат, Астер, СПОТ и др.; Метеоролошки сателитски системи-Метеосат; Глобални позициски системи - ГПС и други.

- Промени на астрономските елементи на Земјата-земјината орбита (ексцентричност), положба и наклонетост на оската, прецесија, нутација, промена на поларните висини, на ротацијата, револуцијата и други. Значење на тие промени за појавите и процесите на Земјата (геолошки, метеоролошко-климатски, биогеографски и сл.).

- Древни, старовековни, средновековни и современи космологии во Светот, на Балканскиот Полуостров и во Република Македонија поврзани со астрономски сознанија, градби, пристапи и гледишта на различни цивилизации, народи и држави. Мегалитски опсерватории, средновековни и современи опсерватории и нивни достигнувања. Опсерватории и астрономски (географско-астрономски) активности и резултати во Република Македонија.

- Временски единици: часови, денови, години, временски циклуси; стари-древни временски единици и сметање на времето. Локално и зонско време, летно и зимско време и нивното значење, особено за нашата држава. Древни, старовековни и модерни календари и нивна употреба во Светот и во Република Македонија.

4. Темата за дипломска работа по предметот Ерозија на почвата може да е поврзана со некоја од следните содржини:

- Ерозивни процеси и појави во одредено сливно подрачје или просторно-административна целина (котлина, басен, општина) по избор на студентот. Во дипломската работа со ваква содржина се опишуваат и анализираат факторите на ерозија на почвата, соодветните форми, но и појави на транспорт, акумулација на нанос, интензитетот на ерозија, штетното дејство на претераната ерозија, некои мерки за заштита и сл. Дипломската работа има практични просторни аспекти, заради што се неопходни одредени теренски истражувања, набљудувања и фотографирања.

- Ризични ерозивни појави: свлечишта, одрони, поројни појави (блатни, камени, блатно-камени), претерана акумулација на нанос, плавини, наносни рамнини, сипари. Ризични ерозивни појави покрај патишта, железнички пруги, инфраструктурни објекти, градежни објекти. Ваквите теми за дипломска работа би прикажале процеси и појави на нагла ерозија или акумулација кои можат да доведат до материјални штети, инфраструктурни проблеми, па и до загрозување на човечки животи во одредени подрачја на нашата држава, како и мерки и активности за намалување или избегнување на тие последици. Тоа се многу практични аспекти и преку соодветна работа со менторот можат да произлезат одлични резултати.

- Разни интересни ерозивни појави во Република Македонија и пошироко: земјани пирамиди, мелови, остенци, интересни бразди, долчиња, долови и други видови на длабинска ерозија, како и сите видови на слични појави кои се ретки, специфични и го привлекуваат вниманието на човекот. Се избира една таква појава или група на појави, особено доколку е во нашата земја или му се познати на студентот, се разработуваат факторите за настанување на такви појави, изгледот на самите појави, нивното позитивно или негативно значење, влијание врз околината и обратно, мерки за заштита, промоција и сл. За изработка на вакви теми неопходни се теренски набљудувања, анализи и мерења во координација со менторот, како и поглем број на фотографии, видео записи и други прилози кои визуелно ќе ја презентираат појавата.

- Утврдување на интензитет на ерозија и акумулација во некој простор или споредба на две просторни (природни или административни) целини, преку методите што се користат во нашата држава и пошироко. Состојби со ерозија во одделни делови на нашата држава и пошироко, споредба на разни подрачја во Македонија и региони во Европа и Светот. Мерки за следење на ерозивноста; временски промени во интензитетот на ерозија и акумулација, влијание на овие појави врз користење на просторот и врз животот на луѓето и др. Вакви теми може да се изработат кабинетски или во комбинација со теренски методи во консултации со менторот.

5. Дипломската работа, без оглед дали е од предметот Математичка географија или Ерозија на почвата, треба да е со следниве техничко-содржински карактеристики:

- Вкупен опфат од 30 до 60 страници, вклучувајќи го текстот и сите илустрации, табели, прилози, графици, фотографии и др. При тоа, само текстот треба да учествува со околу 2/3 (70%) во вкупниот опфат, останато да се разни илустрации и фотографии со добра резолуција и квалитет. Дипломската работа треба да е во А4 формат (еднострано), со сите маргини по 2.8 см, освен левата, која треба да биде со 3.0 см. Текстот треба да е напишан во македонска поддршка со фонт Times New Roman, големина на фонтот 12 (со исклучок на легендите-објаснувањата на сликите, табелите и другите прилози, како и на користената литература, кои треба да се со фонт 11) и проред 1 (Single) или 1.5. Параграфите треба да се порамнети од двете страни (Justified), а секој нов ред да е вовлечен за една табулација (Tab). Дипломската работа треба да содржи:

- Насловна страница, со име на институцијата-центрирано горе, наслов на темата-центрирано на средина, име и презиме на студентот-долу лево, име и презиме на менторот-долу десно и место со датум на изработката, најдолу центрирано.

- Содржина на дипломската работа со број на страница на секој наслов и поднаслов;

- Воведен дел од 5-10 страници со: Вовед за темата, Цел и методологија, Географска положба и карактеристики на областа (доколку се разработува некој конкретен простор) и Досегашни (или претходни, поранешни) истражувања;

- Главен дел од 20-30 страници, каде се изнесуваат сознанијата, анализите и резултатите од дипломската работа;

- Дискусија (по потреба или желба) од 1-3 страници, каде се изнесуваат размислувања за презентираните резултати од дипломската работа, правците и можностите за идните истражувања, недоразјаснетите работи поврзани со темата и сл.;

- Заклучок од 2-3 страници, во кој се сублимирани и синтетизирани најзначајните резултати и сознанија од дипломската работа;

- Литература, каде по азбучен ред и година на издавање се наведени авторите или изворите на користената литература, интернет податоци и други извори употребени во дипломската работа. Минимален број на цитирани, користени или наведени извори на податоци не треба да биде под 5, а оптимално од 10-20.

6. Одбрана на дипломската работа.

- Откако е технички завршена електронската верзија на дипломската работа, истата се прегледува од страна на менторот, заради евентуални финални корекции. Потоа, дипломската работа се предава на печатење и укоричување, а заедно со студентот, трочлената комисија договара термин за одбрана на дипломската работа. Комисијата за одбрана на дипломска работа од предметот Математичка географија ја сочинуваат: доц. др. Ивица Милевски, проф. др. Благоја Маркоски и асс. мр. Свемир Горин. Комисијата за одбрана на дипломска работа од предметот Ерозија на почвата ја сочинуваат: доц. др. Ивица Милевски, проф. др. Олгица Димитровска и асс. мр. Иван Радевски.

- Одбраната на дипломската работа може да биде само со усмена или усмена и мултимедијална (PowerPoint) презентација, во зависност од желбата и подготвеноста на студентот, а во врска со тоа е и просторијата за одбрана која може да биде во соодветна канцеларија или во компјутерската училница. Бидејќи одбраната е јавна, покрај студентот и комисијата, можат да присуствуваат и останати колеги од Институтот за географија, колеги, роднини и пријатели на студентот и сл.

- По желба на студентот, а со проценка и помош на менторот, одбранетата дипломска работа може да се објави на соодветна интернет страница во изворен облик, или да се прилагоди и доработи за објавување во соодветно домашно или меѓународно географско списание, во зависност од исполнетите критериуми. Тоа е од особено значење за поширока промоција на веќе дипломираниот географ, особено доколку има желба понатаму да се усовршува. 

 

Предметен наставник,

Доц. др. Ивица Милевски